Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти, беше исклучително задоволен од нерешените 1:1 со Рома. Неговиот тим прв прими гол, но успеа да дојде до бод со погодокот на Дрис Мертенс во самиот финиш на натпреварот.
„Сите видоа како се одвиваше натпреварот. Игравме добро и сум многу задоволен од односот на мојот тим. Иако имавме проблем по голот кој примивме рано во натпреварот, ние не застанавме да правиме притисок во сите 90 минути. Противникот не беше слаб, но и покрај тоа направивме се за да не им биде пријатно во текот на целиот меч. Не застанавме да ги притискаме, мораше да играме повеќе по крилата, откако бевме затворени по средината”, изјави Анчелоти.
Мертенс влезе од клупата, но повторно тој стана херој за неговиот тим.
„Не верувам дека тој е среќен на резервната клупа. Ако каже такво нешто, би помислил дека нешто не е во ред. Аркадиуш Милик е друг тип напаѓач, но мојата одлука да го оставам Мертенс беше диктирана и од истошеноста на играчот во текот на неделата на мечот против ПСЖ. Речиси целиот натпревар помина во шеснаесетникот на Рома. Можеби не бевме доволно прецизни, но тоа се детали. Ние сме многу добар тим, кој создава многу шанси, но денес Рома играше многу добро во одбраната”, додаде тренерот на Наполи.