Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер вечерва ќе го пречека најбогатиот ракометен клуб во светот. Со оваа средба започнува втората фаза или пролетниот дел од сезоната во Лигата на шампионит, а ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе ја отворат против ПСЖ, во рамки од 11. коло од групата Б во Лигата на шампиони на ЕХФ.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер оваа средба ја очекуваат по победата против големиот фаворит Вардар. Пред четири дена во Битола, пред полна сала и одлична атмосфера, го совладаа Вардар во првиот натпревар од плеј-офот. Пеколно се очекува да биде и вечерва. Салата „Боро Чурлевски“ повторно е распродадена, па ѕвездите на ПСЖ предводени од Раул Гонзалез ќе можат во живо да ја почувствуваат атмосферата на теренот во Битола.
Она што ги радува битолчани и тренерот Ангеловски е фактот што во тимот за првпат ќе биде левото крило и ракометар со огромно искуство во ЛШ, Дејан Манасков. Манасков во Битола пристигна пред неколку недели како предпоследно засилување во овој преоден рок, а поради суспензија не смееше да настапи против Вардар во саботата, па затоа своето деби во дресот на својот нов тим ќе го има во ЛШ и тоа против моќниот ПСЖ. За разлика од Манасков, второто зимско засилување на пелистерци, Појлакот Матеуж Пиеховски сè уште нема дозвола за настап.
Улогата на фаворит секако ја има гостинскиот тим. ПСЖ не блеска оваа сезона во ЛШ, но сепак се работи за тим составен од големи шампиони, на чело со Никола Карабатиќ, кој ја игра својата последна сезона во кариерата. Французите по десет кола се на четвртата позиција на табелата со 11 бода, додека Пелистер е последен без ниту еден освоен бод и се надева дека до крајот на натпреварите ќе успее да ги освои своите први бодови.
Натпреварот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола започнува од 18:45 часот.