Екипата на македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер започнува нова страница во своето работење. Денес и официјално шпанскиот стручњак Раул Алонсо беше претставен пред јавноста и медиумите како нов тренер на Еурофарм Пелистер.
45-годишниот ракометен тренер потпиша договор на една и пол година и веќе го одработи првиот тренинг. Него го дочека спортскиот директор Звонко Шундовски, кој го запозна со клубот, градот и проектот. Раул позираше со клупски обележја и ќе биде првиот шпански тренер во битолскиот клуб.
Шпанскиот стручњак во Битола дојде откако до минатата сезона работеше во бундеслигашот Ерланген во сезоната 2022/23. Поранешното лево крило кое цела професионална кариера ја мина во Обренбург работи како тренер од 2006 година. Уште тогаш го водеше тимот во кој се прослави, а потоа беше тренер на Рајн Мен Бинем.
Во текот на кариерата беше помошник во стручниот штаб на Кил, имаше и ангажман во репрезентацијата на Германија, па во 2015 година замина во австриски Тирол. Три години подоцна доби повик од големиот Маноло Каденас и една сезона му беше асистент во Мешков Брест. Потоа и самостојно го водеше тимот со успех во првенството и Лигата на шампионите, а последниот ангажман му беше во Ерланген.
Дебито на Раул Алонсо на клупата на Еурофарм Пелистер ќе биде в среда од 20:45 часот на дуелот со Фредериција во Лигата на шампионите.