Тренерот на Борусија Дортмунд, Лусиен Фавре не го криеше огромното олеснување по пласман во осминафиналето во Купот на Германија.
Како што е познато, синоќа тимот од „Сигнал Идуна парк“ се пласираше во следното коло од купот на Германија по драматична победа над Унион Берлин со 3:2, до која дојдоа со гол од пенал на Марко Ројс во 120-та минута, односно во последната минута од продолженијата.
„Беше многу тешко да играме против овој тим. Тие се многу добро организирани, многу стабилни и е тешко да ги дестабилизираш. На крајот се пласиравме понатаму, а тоа е важно. Успехот не ни е незаслужен”, коментираше Фавре.
„За жал го примивме вториот изедначувачки гол непосредно пред крајот на регуларното време и требаше да играме продолженија. Но, за среќа не дојде до пенали. Треба да ги одстраниме овие грешки во иднина. Пред две години Борусија мораше да победи по пенали против Унион Берлин. Да не заборавиме дека против Аугсбург пред неколку недели постигнвме победничкиот гол во последните секунди”, додаде Фавре.