Новак Ѓоковиќ е вториот финалист на Мастерсот во Шангај, откако денеска со 2:0, 6:4, 7:6 (8:6), беше подобар од американскиот тенисер Тејлор Фриц. Претходно, Јаник Синер ја оправда улогата на фаворит во првото полуфинале и „резервираше“ пласман во финалето во недела.
Ѓоковиќ доминираше во сет и пол, пропушти важен брејк во вториот сет и во таа прилика заработи повреда на грбот, па мораше да бара пласман во финалето преку тај-брејк.
На крајот успеа да слави и да му се приклучи на првиот светски рекет во големото неделно финале од 11:30 часот.
Ѓоковиќ е освојувач на Мастерсот во Шангај од 2012, 2013, 2015 и 2018 година, додека Синер ќе го игра своето деби-финале во Кина.