Македонската кошаркарска репрезентација се наоѓа пред пред најважните два натпревари во квалификациите за следното Европско првенство. Нашата најдобра кошаркарска селекција ја очекува двомеч со Литванија, против која ќе играме најнапред во Скопје, а потоа и во Клаипеда.
На денешниот собир селекторот Александар Јончевски ги искажа очекувањата за двата натпревари и истакна дека неговите момци ќе дадат сè од себе за да победат барем на еден.
„Ова се најважните два натпревари во овој квалификациски циклус. Ситуацијата е таква што мораме да победиме на барем еден меч за да ги задржиме шансите за пласман на Европското првенство. Литванија е фаворит, јасно е дека се работи за една од највалитетните европски репрезентации. Верувам дека мечот во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за Европското првенство“, рече селекторот Јончевски на почетокот на овие мини-подготовки.
Јасно е дека во овој квалификациски ФИБА „прозорец“ , Јончевски не може да смета на својот комплетен ростер, со кој евентуално ќе бевме уште поконкуретни против европски велесили каква што е Литванија.
„Во моментов не можеме да се пофалиме со настапите на нашите репрезентативци, а во Скопје нема да играат Хап, Шортс и Димитријевиќ. Располагаме со кошаркари кои настапуваат во домашното првенство и во регионалната АБА 2, но и таму не забележаа поголем успех оваа сезона. Ќе се обидеме да ги изненадиме Литванците на тактички план и верувам дека ќе успееме на овие два меча да забележиме барем една победа. Притисокот е на страната на Литванците бидејќи и тие непланирано загубија еден натпревар, од Естонија. Поради тоа, картите им се отворени и ќе одат со сите сили да победат на двата меча против нас, затоа што не се сеќавам дека Литванија не била присутна на некое од последните Европски првенства“, дополни Јончевски пред новинарите во СРЦ „Кале“.
Првиот натпревар го играме в четврток, во Скопје, додека три дена подоцна гостуваме во Литванија.