Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва во Гевгелија ќе го одигра вториот натпревар од овој ноемвриски прозорец од претквалификациите за Евробаскетот. Првиот предизвик, Норвешка го поминаа одлично, сега пред избраниците на селекторот Александар Јончевски следува вториот дуел со Данска.
Данска е селекција која на отворањето на претквалификациите ја победивме на неверојатен начин, со тројка на Ненад Димитријевиќ од половина терен. Потоа Данците имаа порази од Норвешка и Словачка и се последни во групата, без триумф во групата Д и речиси без шанси за пласман во следната фаза. Сепак, тоа не значи дека нашите репррезентативци треба да се опуштат, бидејќи Данска со сигурност го памети поразот од Нествед и ќе се обиде да дојде до одмазда.
Доколку Македонија ја запише четвртата победа, во последниот репрезентативен прозорец во февруари ќе влезе максимална, а ќе гостува кај Словачка и Норвешка. Денешната средба во салата „26 април“ во Гевгелија започнува од 19:00 часот.