Македонската ракометна репрезентација попладнево го имаше својот собир со што и официјално стартуваат подготовките за настап на СП во Герамнија и Данска. Капитенот на нашата репрезентација, Кирил Лазаров, на првиот собир на ракометарите ги најави активностите и претстојниот настап на Мундијалот кој на стартот на 2019 година ќе биде во центарот на вниманието.
Најискусниот ракометар вели дека се наоѓаме во една тешка група, во која ќе влеземе со доста подмладен состав. Вели дека треба да се остане скромен во најавите пред Светското првенство, но истовремено да се работи напорно, за да се мине првата рунда.
„Се наоѓаме во една тешка група, каде имаме репрезентации кои што имаат големи и високи амбиции. Од типот на Хрватска , Исланд и Шпанија која да не заборавиме и е европски првак. Тука се и две непознаници за нас, ниеднаш не сме играле со нив. На почеток сме на нов циклус, една нова репрезентација, подмладена. Прерано е да се даваат заклучоци, дали оптимистички, дали неоптимистички. Треба прво да се собереме и да тренираме. Искуството мое вели дека ако сакаме да одработиме едно Светско првенство, на кое се промени форматот, мора добро да се подготвиме и физички и психички и технички и тактички. Немаме многу време за таа работа, затоа не смееме да се влуштаме со ветувања и оптимизам“, изјави Лазаров.
Прв предизвик за нашите ракометари ќе биде Јапонија, на 11 јануари. Лазаров вели дека ќе се гледа од меч во меч, а тимот треба да го краси една позитивна енергија која ќе се гради за време на подготовките.
„Одиме натпревар по натпревар, иако тоа звучи клише. Имаме квалитетен стручен штаб, веруваме во нив. Јас како капитен верувам и во тимот, ќе се обидам да пренесам една позитивна енергија кај младите, да ги окурожам и да им дадам поддршка. Секој може да има лош ден, но никогаш не треба да се предаваме. Ќе има и победи и порази, сите треба да влезат во тој систем на натпреварувања и да играат и со притисок и без притисок“, изјави капитенот на нашата репрезентација Кирил Лазаров.