Ракометарите на Металург конечно го „скршија мразот“ и ја забележаа првата победа во СЕХА конкуренцијата во тековнава сезона. Тие во улога на домаќини во рамките на 7 коло славеа против Татран Прешов со 30 спрема 28, полувреме 15:11.
Металурзите одлично го отворија мечот, имаа континуирана предност и до крајот на првиот дел направија плус – 4. Во вториот дел, гостите се покажаа како подобар противник, но, не успеаа да направат пресврт. Во победничкиот табор се издвоија Анте Токиќ со девет голови и Халил Јагањац кој во последниот меч во дресот на „металурзите“ заврши со шест голови. Треба да се издвои и голманот, Мартин Томовски, кој имаше десет одбрани. Кај Татран Прешов на листата на стрелците најдобри беа Томаш Чип со осум и Јануш Лапајне со седум голови.
Металург наредниот меч во СЕХА конкуренцијата ќе го одигра повторно на домашен терен на 7 ноември кога ќе гостува Стеауа Букурешт.