Со својот дебитантски погодок, дефанзивецот Никола Серафимв вчера ги обезбеди трите бода за Македонија на мечот со Летонија. По средбата тој изјави дека најважна е победата, а сега се ќе биде насочено кон неделниот дуел со Фарските Острови.
„За тоа за што се подготвувавме, се случи денеска. Знaевме дека се добар противник и дека ќе дојдат со цел да направат проблеми. Беше тешко да се пробие нивниот дефанзивен блок, особено на овој терен каде топката споро се движеше. Имавме одредени пропусти во првиот дел, кој ги анализиравме на полувремето и потоа се поправивме во вториот дел. Најважни се трите бода, победа, останува да се одмориме, да се подготвиме за мечот во недела и со победа да го затвориме овој циклус“, вели Серафимов.