Денеска во Скопје се одржа Самитот за родова еднаквост во спортот, на кој беа презентирани резултатите од проектот „Фер игра: Поддршка за родова еднаквост во спортските политики“.

Настанот е во организација на Македонскиот олимписки комитет во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка, здружението „Sport Social Solutions“ и Параолимпискиот комитет на Северна Македонија а реализиран со финансиска поддршка од Европската Унија.

Како што беше истакнато на самитот, во рамките на овој проект, 15 национални спортски федерации добија суб-грантови во висина од 6.700 евра. Овие средства се наменети за развој и спроведување на сопствени акциски планови за родова еднаквост, како и за имплементација на конкретни мерки со кои спортските организации треба да станат поправедни, побезбедни и поинклузивни.

