Се започна во 2005-та кога љубителите на спортот за прв пат имаа можност преку радио приемникот да апсорбираат мал „милион“ преноси, јавувања, извештаи, прилози, информации, специјализирани емисии и наменски блокови за спортските настани.
Заеднички со вас почитувани, се радувавме на големите историски успеси на мак-спортот и тагувавме кога за влакно ќе ни избегаше врвен резултат. Клавајте голови, леле луѓе што направивме, погодокот за европско на Пандев и уште многу други реченици што се синоним за екипните и индивидуални успеси на македонските спортисти, беа пренесени со гласовите на Саше, Ристе, Дино и со техничка поддршка на Марјан а под будното око на менаџерскиот тим Тони-Зоки.
Спортско радио 90,3 фм во изминатите 17 години Ве шеташе низ светот заедно со врвните спортисти без разлика на кои меридијани доаѓаа успесите. Сите знаеме дека се тече и се се менува, но, Спортско радио 90,3 ФМ и натаму опстојува во македонскиот етер за што сме благодарни до сите наши деловни партнери, спонзори и пријатели, кои ја препознаваат нашата визија и ни даваат несебична поддршка.
Затоа продолжуваме максимално посветено да ги следиме спортските збиднувања и истите да ги пренесеме до нашата армија слушатели, секако, поткрепено и со добрата музика која ја сочинува комплетната слика за нашето радио.
Ви благодариме за роденденските честитки упатени преку социјалните медиуми.
Нека ни е среќен 17-от роденден и заеднички да славиме уште многу!!