Сопствениците на Милан сè уште ја разгледуваат кандидатурата на поранешниот тренер на РБ Лајпциг Ралф Рангник за функцијата главен тренер на клубот од Милано. Оваа информација беше денес објавена од страна на „Газета дело Спорт“.
Според изворот, американската компанија Елиот Менаџмент, која е актуелен сопственик на Милан, е подготвена да издвои 75 милиони евра за засилувања на составот во летниот преоден рок, со што новиот тренер би можел да направи селекција по свој избор. Рангник работел во клубови како Штутгарт, Хановер, Шалке 04, Хофенхајм, РБ Лајпциг и други.
Беше објавено дека друг кандидат за тренерското место на „росонерите“ е Лучијано Спалети. Оваа сезона, Милан освои 36 поени на 26 натпревари и го зазема 7-то место на табелата во италијанската Серија А, каде лидер е Јувентус.