Младинскиот тим на Еурофарм Пелистер ќе настапи на завршницата во Лигата на шампионите, каде најдобрите 4 млади екипи од Европа ќе се сретнат како увертира на Ф4-турнирот во Келн.
Пелистерци во полуфиналето играат со ГОГ Гудме од Данска, а тренерот Фарук Мемиќ ги сподели импресиите и очекувањата за овој настан.
„За Келн се подготвувавме постојано благодарение на добрите услови што ни ги обезбедува нашиот клуб. Ние имаме свој начин и систем на игра, така да сме подготвени на предизвиците пред секој противник. Нормално дека има посебна емоција и возбуда кај секого во нашиот тим, меѓутоа одиме мирно и сталожено до нов успех. Не секогаш на ваквите турнири победуваат фаворитите, па очекуваме да бидеме изненадување, при што веруваме и се надеваме дека ќе го израдуваме градот и државата со освојувањето на истиот“, изјави Фарук Мемиќ.
Младите ракометари на Еурофарм Пелистер вечерва од 20:00 часот ќе го одржат официјалниот тренинг пред полуфиналето против ГОГ Гудме. Натпреварот за пласман во финалето се игра в сабота на 14 јуни во 09:00 часот во Дормаген.

