Ракометарите на шампионот Еурофарм Пелистер од вчера се во својата нова база, во српскиот центар Златибор. Комплетни и силно мотивирани, под водство на новиот тренер Рубен Гарабаја, ракометарите на шампионот на Македонија напорно тренираат и едвај ги чекаат првите натпревари.
Дел од нив, денеска ги пренесоа и првите импресии од досегашниот тек на подготвителниот период:
„Ова е мој втор ден тука, вчера првпат тренирав со новите соиграчи. Сите ми даваат поддршка и верувам дека ќе се наметнеме и ќе освојуваме трофеи. Најнапред целиме на сите домашни трофеи, а потоа посакувам добра сезона во Лигата на шампионите“, вели Ибрахим Калед Валис.
Новајлијата Ник Хенигман, за првата недела од тренинзите додава:
„По една недела во Битола, вчера стигнавме на Златибор. Добро работиме и многу тренираме и продолжуваме со подготовките. Цел ни е уште подобро да се подготвиме, затоа што нè чекаат многу нови предизвици, нови натпревари. Верувам дека ќе го освоиме домашниот шампионат и Куп и што е можно подобро да одиграме во Лигата на шампионите. Уште еден месец, па ќе играме во Битола. Едвај чекам да играм пред нашите навивачи, пред луѓето кои секогаш нè поддржуваат, пред „Чкембарите“. Се гледаме наскоро!“

