Марко Луканоски ќе биде последниот, 12 играч во ростерот на машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија за последниот натпревар од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027 година во Катар.
Селекторот Марјан Илиевски одлучи да му даде шанса на младиот центар, кој е составен дел од тимот од самиот почеток на овој репрезентативен циклус.
Луканоски, кој беше најдобриот наш играч на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 20“ години кое ова лето се играше во Ереван, за првпат во својата кариера ќе биде во конкуренција за најдобрата селекција.
Поради повреда, надвор од тимот за дуелот кој се игра вечерва од 19 часот во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, е Адем Мекиќ, недоволно закрепнатиот Марко Миловановиќ, како и Тома Стојаноски.

