Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре го пречекуваат ГОГ Гудме од Данска кој ќе биде следниот предизвик за нашиот шампион во Лигата на шампионите. Скандинавскиот првак гостува во Битола, а за мечот зборуваше словенечкиот ракометар Нејц Цехте кој ги сподели очекувањата.
„ГОГ Гудме има многу млад тим. Секоја година тие или ги продаваат или ги менуваат постарите играчи. Доаѓаат играчи од нивната академија и сите играат ист ракомет. Брзо играат, но мислам дека тоа во среда нема да им биде доволно. Нашата одбрана се надевам дека ќе спречи нивни лесни голови, да не дозволиме полуконтри и контри. Сакам да ги повикам навивачите, заедно да го прославиме нивниот роденден и со победа да го потврдиме напредокот.“, изјави Цехте.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ГОГ Гудме се игра утре (среда) од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“ која се очекува да биде исполнета до последно место. Во првите две кола од новата сезона во ЛШ , Еурофарм Пелистер дома го победи Загреб, додека на гости во второто коло по голема борба загубија од ПСЖ во Париз.

