Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва (20.45 ч.) во својата сала ќе го пречекаат европскиот шампион Магдебург во натпревар од 9. коло во Лигата на шампионите. Битолчани ќе се обидат да направат сензација, иако Магдебург со досегашните игри во групата најави дека е еден од главните кандидати за европскиот наслов и оваа сезона.
„Не е лесно да се игра против Магдебург. Имаме искуство од првиот натпревар и треба многу работи да подобриме за да имаме шанси против нив. За среќа сега го имаме комплетниот ростер, не бевме во нашиот најдобар момент кога игравме во Германија. Мора да бидеме внимателни на нивниот контра напад и брзата игра. Постигнуваат многу голови со многу трчање. Лесно е да се каже дека тоа може да се сопре, треба да се реализира на терен и да се биде максимално фокусиран. Верувам дека ќе биде поинаку за разлика од првиот меч. Најмногу заради тоа што играме на домашен терен“, изјави шпанскиот стратег на клупата на Пелистер, Рубен Гарабаја.

