Ракометниот клуб Вардар го заврши есенскиот дел од сезоната на првото место во домашното првенство и обезбеди пласман во главната фаза од ЕХФ Европската лига, а веќе ги прави плановите за идната натпреварувачка сезона во која од клубот се надеваат дека ќе биде со враќање во Лигата на шампионите. Првиот човек на клубот Михајло Михајловски денеска објави кои се амбициите на Вардар во следниот период. Прва цел е да се освои шампионската титула и да се обезбеди пласман меѓу најдобрите осум во ЕХФ Европската лига.
„Според она што направивме во овој дел од сезоната може да биде задоволни, но како клуб мора да размислуваме за иднината. Сега имаме шест македонски ракометари, а за идната сезона мора да најдеме барем уште двајца квалитетни. Ќе најдеме Македонци, па макар и да ги измислиме“, рече Михајловски.
Исто така Михајловски рече дека се во потрагата по нови ракометари за идната сезона, а една од позициите кои треба да се пополнат е десен бек. Како и во сите клубови на европска сцена и Вардар прави договори за догодина со нови играчи , но и со оние кои ги има на располагање.
Првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски со гордост потенцираше дека во моментов можеме да се пофалиме дека ја имаме третатта по квалитет лига во Европа.
„Мораме да истакнеме дека во моментов ја имаме можеби третата по квалитет лига во Европа, по германската и француската лига, и дека сме една од ретките земји во Европа која има 4 екипи кои со својот квалитет рамноправно се борат за титулата“ рече Михајловски.
Исто така првиот човек на РК Вардар, Михајло Михајловски се заблагодари на сегашните спонзори на клубот кои го помагаат функционирањето на истиот и најави дека во новата година ќе има уште два големи спонзори.

