Капитенот на нашата ракометна репрезентација Филип Кузмановски ги искажа своите очекувања за натпреварот со Португалија и смета дека со добра и борбена игра можеме да ја оствариме посакуваната цел, а тоа е победа која многу ќе ни значи во битката за пласман во главната фаза на ЕП.
„Португалија игра сличен ракомет како Данска, брза транзиција и брз напад. Затоа треба овој натпревар да го отвориме подобро од тој со Данска и да се бориме во текот на сите шеесет минути. Во овие дваесет дена подготовки потајно се подготвуваме токму за натпреварот со Португалија. Знаевме дека Данска е фаворит, па затоа посебно се спремавме за Португалија и Романија, бидејќи ако сакаме да ја поминеме групата мораме да победиме на овие натпревари. Добро сме подготвени, вчера покажавме дека со добра ротација можеме да се носиме и физички. Веруваме за поволен резултат против Португалија, но тоа треба да го покажеме на терен и без респект да влеземе во овој натпревар. Ни значи многу, ќе одиграме борбено 60 минути како што секогаш играла Македонија и сите ќе изгинеме на теренот. На крај сите да се радуваме, и да се пласираме во вториот круг. Можеби многумина не веруваат во тоа, но сите ние тука искрено веруваме дека го можеме тоа“, рече капитенот Филип Кузмановски.
Македонските ракометари денес имаат сободен ден на ЕП, а селекторот Лазаров реши да го откаже попладневниот тренинг, а со анализа на противникот да ја подготвува тактиката за мечот со Португалија.

