По победата над Луксембург, нашата кошаркарска репрезентација замина за Баку. Виктор Ефремовски беше вистинско изненадување за одбраната на селекцијата на Луксембург. Откако влезе во игра, во краток временски период испорача десет поени, и даде силен придонес во креирањето на двоцифрената предност, која беше некоја константа низ текот на дуелот во „Градски парк“.
„Немавме многу време за работа со селекторот, но тој паметно го искористи секој момент и резултатот што го постигнавме за само неколку дена е навистина за почит. Одиме напред, чекор по чекор. Задоволен сум од мојата игра и од играта на останатите, сите вложивме голем труд. Сега фокусот е на она што следи, дуелот со Азербејџан, и очекувам уште подобро наше издание во Баку“, изјави Ефремовски пред заминувањето за Азербејџан.

