По големата и вредна победа над Бенфика во претпоследното коло од главната фаза во ЕХФ Европската лига, Вардар обезбеди осминафинале, а анализа на мечот со Португалците направи и пикерот на „црвено-црните“, Милан Лазаревски.
„Благодарни сме на публиката која беше присутна, навистина има енормна разлика кога играме дома и на гости, особено кога имаме ваква поддршка и среќен сум што ги израдувавме. Мило ми е што победивме, но имаме многу сегменти што треба да ги поправиме како и на доста натпревари досега. Имаме доста осцилации, а мислам дека ако сме малку подисциплинирани во некои моменти можеби ќе бидеме поубедливи на следните натпревари. Иако помина полусезона, ние сме целосно нов тим и потребно е време за да се навикнеме едни на други. Во пораст сме, можеби не со крупни чекори, ама сè додека одиме во нагорна линија – прифатливо е“, изјави Лазаревски.

