Ракометарите на Вардар вечерва го играат последниот натпревар од групната фаза на Европската лига на ЕХФ и тоа на гостински терен кај Мелсунген. „Црвено-црните“ во овој натпревар влегуваат како лидер на табелата во групата 3 и сами одлучуваат дали директно ќе обезбедат пласман во четвртфиналето на ова натпреварување.
Тимот предводен од Иван Чупиќ пред себе има две поволни опции. ЕХФ ги објави сите сценарија поврзани со оваа група, а победа или реми на Вардар во Германија ќе значат прескокнување на плеј-офот и пласман меѓу најдобрите осум екипи во ова натпреварување.
-Вардар 1961 ќе се пласира директно во четвртфиналето ако победи или одигра нерешено против Мелсунген.
-Мелсунген ќе се квалификува во четвртфиналето ако победи против Вардар 1961.
-Бенфика ќе се квалификува во плеј-офот ако победи или одигра нерешено против Кристијанштад.
-Кристијанштад ќе се квалификува во плеј-офот ако победи против Бенфика.
На првиот натпревар одигран во Скопје, екипата на Вардар славеше со 37:33. Но, таа средба во Скопје и оваа која ќе се игра вечерва не може да се споредуваат, бидејќи вечерва на двете екипи им е потребна победа за пласман во четвртфиналето.
Тренерот Иван Чупиќ во Германија ќе го има на располагање практично најсилниот состав, иако викендов ги чека дерби гостување во Битола.
Роберто Гарсија Парондо исто така ќе може да смета на оние што паузираа поради повреда, но дали ќе играат сите останува да видиме.
Покрај дуелот меѓу Вардар и Мелсунген, ќе се одиграат уште седум средби од Лигата на Европа, по што ќе бидат познати сите екипи што продолжуваат понатаму.

