Ракометното дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар го привлекува вниманието на македонската спортска јавност, а денешниот дуел ќе има сериозно влијание и во битката за шампионската титула.
Лидерот гостува во Битола и се надева дека ќе остане непоразен за да ја задржи предноста пред „зелено-белите“ во битката за шампионскиот наслов. Во интервјуто за Спортското радио 90.3 фм, еден од најдобрите вардарови ракометари, Јака Малус најави дека „црвено-црните“ се максимално мотивирани да го победат големиот ривал.
„Им се реванширавме на Бенфика, истото се случи и со Кристијанштад, па сега мислам дека е време и за Пелистер, односно Битола. За вакво дерби не ни е потребна дополнителна мотивација, потребни се срце и глава, подготвени сме физички, психички и тактички, па останува да видиме што ќе се случи во недела“, – вели Малус пред дуелот кој се игра денеска од 19 часот.

