Машката и женската кадетска ракометна репрезентација на Македонија ја продолжија победничката серија на Светското училишно првенство во Скопје. Утрово во натпреварите од 3. Коло по групи, нашата машка ракометна репрезентација одигра цврст и неизвесен натпревар со своите врсници од Република Српска и на крајот славеше со 27:25. Нашите момци имаа одлично прво полувреме, но во вториот дел имавме пад во играта, кој противникот го искористи за да дојде во драматична завршница. Сепак, момците на Горан Кузмановски на крајот успеаја да го приведат мечот до нов триумф.
Кадетките во последниот меч од групата славеа и третпат со убедлив резултат. Денеска бевме поуспешни од селекцијата на Словачка со 28:13. Доминацијата од првиот дел во кој водевме со 4 гола предност, беше потврдена во второто полувреме кога комплетно го разбивме противникот и го потврдивме учеството во четвртфиналето.


