Откако синоќа беше најавено , денес од РК Еурофарм Пелистер стигна и официјална потврда за ангажирањето на Лино Червар за тренер на екипата од Битола. Во објавата на клубот на социјалните мрежи се вели:
„Во нашата историја и идентитет не постојат мали цели. Затоа мора секогаш да бидеме на висината на предизвикот, да го следиме трендот и да го надградуваме проектот. Нашата нова приказна за сезоната 2026/27 почнува со назначувањето на новиот тренер. Нашиот избор падна на олимписки и светски првак, човек кој е синоним за ракометот на овие простори — Лино Червар. Хрватскиот тренерски маг и официјално е нов тренер и предводник на проектот на Еурофарм Пелистер и се обврза на двегодишен договор со клубот и најракометниот град.
Не треба да се трошат зборови за тренерската кариера на стручњакот од Умаг. Беше селектор на Италија, Хрватска и Македонија, ги водеше Загреб и Металург, ги освои скоро сите титули со националниот тим на својата земја… Червар во Македонија направи големи работи со Металург и македонската репрезентација, афирмираше многу ракометари, освојуваше титули, а и создаваше зрели личности од своите млади момци.
Чувствуваме дека ова е вистински момент проектот да му биде доверен на Лино Червар, а со тоа Еурофарм Пелистер да се издигне на уште повисоко ниво од годините на трите шампионски титули и учеството во Лигата на шампионите„ се вели во објавата на клубот.
Лино Червар во македонскиот спорт како тренер на Металург остави длабока трага, во овој клуб создаде генерација што испиша историја. Под негово водство, тимот од Автокоманда стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите (2014 и 2015), а Македонија тогаш живееше за ракометот. Потоа кратко беше и селектор на Македонија пред да добие повик да се врати на клупата на Хрватска.
Во својата кариера, Червар има освоено златен медал на Олимписките игри во Атина 2004, светско злато во Португалија 2003, како и бројни европски медали со репрезентацијата на Хрватска. Познат по својата страст и интелигентен пристап кон ракометот, тој е еден од ретките тренери кои оставиле печат и во репрезентативниот и во клупскиот ракомет на највисоко ниво.
Се екипата на Металург беше четирипати шампион на Македонија, трипати го освојуваше Купот и беше вице-победник во првата сезона СЕХА лигата во сезоната 2011/2012.

