Селекторот на нашата ракометна репрезентација, Кирил Лазаров по вчерашниот втор триумф над Словачка и пласманот на светското првенство, изјави дека не може да биде незадоволен од начинот на кој Македонија влезе и го одигра овој двомеч.
„Сакам да им честитам на момците, бидејќи со 15 гола разлика не се победува туку-така. Имавме сериозен пристап, секој ривал кој е во баражот има квалитет, а ние покажавме еден константен ракомет, тоа го барав од играчите. Во претходната година и пол успеавме да составиме квалитетен тим на играчи кои се борат еден за друг, се дисциплинирани и не им е важно кој ќе биде најдобар, туку најважно е да победуваме. Тоа се мачевме да го создадеме и мора да го задржиме. Мислам дека играчите растат со нашата лига, во нивните клубови, со квалитетни натпревари добиваат на искуство. Откако јас сум селектор на шесто големо натпреварување сме во низа, со 99% променета генерација од претходно. Тој процес треба да се истрпи. Јас сум горд на тоа, сите го препознаваат тоа и се надевам дека сениорите од година во година, чекор по чекор, ќе бидат поквалитетни“, изјави Лазаров.

