Со победата над Ирска во петтото коло од претквалификациите за ФИБА Евробаскет 2029, машката сениорска репрезентација на Македонија ја исполни првата задача во квалификацискиот циклус. Нашиот национален тим го обезбеди првото место во групата „А“ и со тоа пласман во втората рунда од претквалификациите.
Иако до крајот на оваа фаза останува уште гостувањето кај Луксембург, на 5 јули, Македонија веќе не може да биде симната од лидерската позиција во групата.

Во втората рунда, која започнува на 27 август, ќе настапат вкупно 12 репрезентации. Покрај четирите најдобро пласирани селекции од првата рунда на претквалификациите, место ќе обезбедат и осумте национални тимови кои нема да ја минат првата фаза од квалификациите за Светскиот куп 2027.
Дванаесетте репрезентации ќе бидат поделени во четири групи со по три селекции. Натпреварите ќе се играат во периодот од август 2026 до февруари 2027 година, во три ФИБА квалификациски „прозорци“, според системот „секој со секого“, при што секоја селекција ќе одигра по четири натпревари.
Само првопласираните репрезентации од четирите групи ќе обезбедат директен пласман во квалификациите за ФИБА Евробаскет 2029.
ФИБА предвидува и дополнителна можност за репрезентациите кои нема да успеат да го направат тој чекор. Во третата рунда од претквалификациите ќе настапат осумте селекции кои нема да ја минат втората фаза, заедно со шестте најслабо пласирани репрезентации од првата рунда на претквалификациите.
Тие ќе бидат распределени во четири групи – две со по четири и две со по три репрезентации. Натпреварите ќе се играат во јули и август 2027 година, во рамките на еден ФИБА „прозорец“, а победниците на групите ќе ги комплетираат учесниците во квалификациите за Евробаскет 2029.
Пред почетокот на новата квалификациска етапа, Македонија ќе го одигра и последниот натпревар од актуелната групна фаза, против Луксембург, со желба успешно да го заокружи овој дел од претквалификацискиот циклус.

