Кошаркарските прволигаши ТФТ, Маџари и Чаир не добија лиценци за настап во новата кошаркарска сезона. Како што објави Кошаркарската федерација, во рамките на процесот на лиценцирање за натпреварувачката сезона 2026/2027, за првпат е воведен систем за лиценцирање кој, покрај организациските и техничките критериуми, предвидува и задолжително исполнување на критериумите за финансиска дисциплина.
И покрај обезбеденото време, укажувањата и можностите што им беа ставени на располагање, трите клуба не ги исполнија предвидените финансиски услови во утврдениот рок.
Поради тоа, а имајќи ја предвид обврската за еднаква примена на правилата кон сите учесници во натпреварувањето, Кошаркарската федерација на Македонија не е во можност да им издаде лиценца за настап во натпреварувачката сезона 2026/2027.

