Еурофарм Пелистер вечерва ја отвора новата европска сезона со натпревар против Ла Риоха во рамките на Европската лига. Битолчани од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“ ќе го одиграат првиот натпревар во групната фаза, со желба сезоната да ја започнат со победа.
Капитенот и голман Никола Митревски вели дека тимот долго го очекувал овој момент и верува дека е подготвен за предизвикот. Митревски посочува дека шпанскиот состав располага со технички квалитетни ракометари и екипа која е тактички добро подготвена. Според него, Ла Риоха не се потпира само на физичката игра, туку на брза транзиција, долги напади и добро организирана игра.
„Доста време го чекавме овој натпревар. Поминаа скоро два месеци од почетокот на подготовките и со нетрпение го очекуваме овој меч“, вели Митревски.
Битолчани на хартија ја имаат фаворитската улога, но Митревски потенцира дека тоа мора да се потврди на теренот.

