Еурофарм Пелистер претрпе убедлив пораз од Гумерсбах со 38-28 на гостувањето во Германија, во натпревар од третото коло во Лигата на Европа. Битолчани успеаја да му парираат на германскиот состав во почетните петнаесетина минути, но грешките во завршницата на првото полувреме му овозможија на домаќинот да се одвои резултатски и да создаде значителна предност.
Тренерот Лино Червар, призна дека неговиот тим се соочил со тежок предизвик, а германскиот состав го покажал својот целосен потенцијал, особено во второто полувреме.
„Знаевме однапред дека денеска нè очекува многу тежок натпревар. Во првите 15 минути игравме добро и бевме рамноправни, но особено во второто полувреме Гумерсбах го покажа целиот свој квалитет. Сосема е нормално дека кога ќе го прикаже сиот свој потенцијал на теренот, тогаш е и подобриот тим. Се надевам дека на реваншот ќе одиграме поинаков натпревар“, изјави Червар.

