Ракометарите на Вардар 1961 вечерва го пречекуваат германски Мелсунген во последното, шесто коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Иако скопјани веќе ги загубија шансите за пласман во главната рунда, целта е со победа да го завршат настапот во елитното европско натпреварување и да им се заблагодарат на навивачите за поддршката.
Натпреварот во салата „Јане Сандански“ започнува во 18:45 часот, а за избраниците на Иван Чупиќ ова ќе биде можност за реванш против германскиот состав, кој на првиот меѓусебен дуел во Касел славеше со 33:31.
Вардарци во пресрет на овој натпревар се во добра форма. Особено охрабрувачки беше триумфот на гостувањето кај Нант со 33:27, со кој „црвено-црните“ покажаа дека можат да се надигруваат и со најквалитетните европски екипи. Покрај победата во Франција, скопјани славеа и во домашното првенство против Бутел и Прилеп.
Од другата страна, Мелсунген во Скопје пристигнува со шест бода и сè уште има шанси за продолжување на европскиот пат во главната фаза. Германците во претходното коло ја совладаа Висла Плоцк со 28:26, па за нив дуелот со Вардар има големо натпреварувачко значење.
Последното коло носи неизвесност во групата, бидејќи Мелсунген, Висла Плоцк и Нант пред завршната рунда имаат по шест бода. Вардар, пак, ќе се обиде со уште едно квалитетно издание да ја заврши европската авантура во Лигата на шампионите со победа пред своите навивачи.
За скопскиот тим ова е и прашање на престиж, но и можност да ја потврди добрата форма пред продолжението на сезоната во Европската лига на ЕХФ.

