Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, не бега од фаворитската улога пред големото дерби со Еурофарм Пелистер, кое ќе се игра во недела во СЦ „Јане Сандански“ од 17:45 часот.
„Црвено-црните“ влегуваат во натпреварот со максимален ефект од осум победи во осум кола, а Чупиќ очекува продолжување на победничката серија.
„Вардар секогаш кога игра дома е фаворит. Секој што ќе дојде во ‘Јане Сандански’ треба да сфати дека тука многу тешко се победува. Ова е наша сала и мораме да победуваме во континуитет“, порача хрватскиот стратег.
Чупиќ со почит зборува за ривалот, но нагласува дека неговиот тим мора да биде на највисоко ниво.
„Не ни одговара бавниот ракомет што го игра Пелистер, но мораме да се приспособиме. Ќе имаме план А, Б и Ц. Не се важни Лино и Иван, важно е само Вардар да победи“, истакна тренерот на скопјани.

