Поранешен македонски селектор и еден од најтрофејните тренери во мак-фудбалот, Ѓоре Јовановски ќе биде нов тренер на Работнички. Откако Горан Станковски си поднесе оставка поради слабите резултат на тимот, искусниот Ѓоре Јовановски ќе седне на клупата на Работнички до крајот на сезоната.
„По поднесената оставка од Горан Станковски, раководството на Работнички на синоќешниот состанок одлучи до крајот на сезоната тимот да го води Ѓоре Јовановски. На Станковски искрено му заблагодаруваме на досегашната соработка, посакувајќи му успешна кариера во иднина. Јовановски се враќа во добро позната средина. Веруваме дека може многу да донесе зa психолошко враќање на екипата. Се договоривме за соработка до крајот на сезоната, а потоа од јуни ќе размислуваме за евентуално продолжување на истата“, се вели во изјавата на првиот човек на Работнички, Драган Поповски.
Јовановски по третпат се враќа на клупата на оваа екипа откако беше на чело од 2003 до 2007 година, а потоа го водеше и во сезоната 2011/2012.
Прв асистент на новиот стратег ќе биде поранешниот фудбалер на клубот Зоран Јовановски. Првиот собир со тимот Ѓоре Јовановски ќе го има денес во 14.00 часот во клупските простории, а од 15.00 часот ќе биде одржан и првиот тренинг со новиот шеф на стручниот штаб.