Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска ќе го одигра тест-натпревар зад затворени врати против селекцијата на Русија во „Јане Сандански“, во 17.30 часот. Ова ќе биде прва и воедно единствена проверка за македонската репрезентација пред јунскиот бараж со Романија за место на СП 2019 во Германија и Данска.
Руската репрезентација реши да ја помине ЕХФ-неделата во Скопје и тука да си ја гради формата за клучните јунски натпревари. Дел од подготовките е и натпреварот со Македонија, кој на барање на рускиот селектор Едуард Кокшаров ќе се игра без присуство на публика и на медиуми.
Македонија за овој меч останува без Кире Лазаров, а ќе го нема ниту Борко Ристовски, кој доби слободни денови, зашто во понеделникот стана татко. На листата на повредени е Стојанче Стоилов.