Претседателот на САД Доналд Трамп ја поддржа заедничката кандидатура на САД, Мексико и Канада за домаќин на Светското првенство во фудбал во 2026 година, па дури се закани на земјите кои се против.
Мароко е единствената земја со кандидатура за организирање на Мундијалот по осум години, а одлуката ќе биде донесена на Конгресот на ФИФА во Москва на 13 јуни.
„САД има сериозно барање со Канада и Мексико за Светското првенство во 2026 година. Ќе биде срамно, ако земјите кои секогаш сме ги поддржувале, да застанат против кандидатурата на САД. Ако тоа се случи, зошто ние да ги поддржуваме, откако тие не го прават тоа (вклучително и во ОН)”, напиша Трамп на „Твитер”.
Кандидатурата на Мароко се очекува да добие сериозна поддршка од земјите од Африка и Блискиот Исток. Франција исто така, планира да го поддржи Мароко, како и домаќинот на Мундијалот 2018 – Русија. САД последен пат организираа Светско првенство во 1994 година.