Вардар посакува оваа одлична сезона да ја заврши во месец мај со настап на Ф4 турнирот во Келн каде ќе може да ја брани титулата освоена минатата година.
Откако ја одбрани титулата во СЕХА Газпром лигата, а секако дека е фаворит и за одбрана на двете домашни титули, сега на ред е да го направи последниот чекор кон одбраната на титулата и во Келн. Денес во Скопје во 17 часот „црвено-црните“ го играат реваншот против Кил. Веќе е направен еден чекор кон Келн со победата во гости, 29:28, а сега преостануваат уште 60 минути борба со Германците за да се патува во Келн.
Вардар кој игра одлично на домашен терен е фаворит на овој дуел со Кил, но „црвено-црните” се свесни дека тоа мора да се докаже и на теренот. А против германските екипи треба секогаш мора да се игра максимално добро и до крај на мечот, без опуштање.
Салата во СЦ „Јане Сандански” одамна е распродадена, навивачите се желни за победа, а со тоа повторно да го гледаат својот омилен тим меѓу најдобрите 4 екипи во ЛШ во Келн. Ова ќе биде посебен натпревар за неколку ракометари на Вардар, но и тренерот Раул Гонзалес кој ќе го води Вардар за последен пат во Лигата на Шампионите пред домашната публика, а Циндриќ, Штербик, Македа, Кањелас, Марсениќ и Абутовиќ ќе го играат последниот меѓународен натпревар пред домашните навивачи.
Натпреварот Вардар – Кил е закажан за 17 часот, а вратите на СЦ „Јане Сандански ќеб бидат отворени од 15.30 до 16.45 часот.