Во пресрет на стартот на финалната серија од домашниот кошаркарски плеј-оф, денеска прес-конференција одржаа финалистите. Актуелниот кошаркарски првак МЗТ Скопје и лутиот градски ривал Работнички по осум години ќе се судрат во финалето во битка за шампионскиот пехар
И двајцата тренери свесни за квалитетот на финалето и ривалството, најавуваат незивесна пресметка.
„Без да навредам некого, кога играат Работнички и МЗТ – интересот е поголем, а и квалитетот на финалните натпревари. Очекувам спектакл и празник на кошарката, затоа што на последните години истата не ни е на највисоко ниво. Нека победи подобриот“, изјави Марин Докузовски, тренерот на Работнички.
Младиот стратег на МЗТ Скопје А., Ѓорѓи Кочов, исто така очекува одлична серија.
„Секогаш кога играат Работнички и МЗТ, натпреварите се со големо значење. По долго време очекувам да биде еден спектакл во кој ќе има спортско надигрување и спортско навивање и секако да победи подобриот“.
Финалната серија стартува в недела, а Работнички е домаќин на првиот меч во „Градски Парк“.