Најдобриот пливач од Македонија во моментов Евгениј Поп Ацев нема да учествува на Европското првенство (ЕП) во пливање во Глазгов, тој требаше да биде единствениот наш пливач на ова ЕП, но неговото име на големо изненадување не се најде на списокот на учесници.
На прашањето зошто го нема Поп Ацев меѓу пријавените, пливачот јавно ја раскажа целата ситуација. Истакна дека чувствува голема горчина затоа што нема да може да ги брани боите на својата држава на европскиот пливачки собир, а вината ја префрли кај Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), водена од Александар Маленко.
„Чуствувам обврска да ја објаснам сегашната ситуација околу Европското Првенство во Глазгов. Во февруари ја исполнив нормата дадена од ПФМ за настап на Европското првенство и во изминатата година целата моја енергија, фокус, тренинг и мотивација беше за овој настан. До последен ден добивав лажни информации од ПФМ и верував дека мојот настап е во ред. Може да замислите колку беше разочарувачки и тажно за мене кога со веќе половина спакувана торба видов на стартната листа (пред само два дена) дека моето име не е таму. Имам едно објаснување од ПФМ (нема ни да се осмелам да го објаснувам зашто е патетично и понижувачко) и сосема спротивно од ЛЕН, која вели дека мојата Федерација не пратила пријава воопшто.
За тие кои ме познаваат или кои се натпреварувале на интернационално ниво ќе разберат дека моите разочараност, огорченост и болка нема зборови за да се опишат. Уште поболно е дека луѓето одговорни за оваа ситуација се натреварувале на исто ниво и се свесни колку ми значеше настапот на ова првенство и колку можев да постигнам. Мислам дека тешко ќе му биде на секој нормален човек да си објасни зашто ова ми го направија и до последен момент ме лажеа, но ако некој знае слободно нека ми пише или нека ми се јави. Сметам дека ниеден спортист не заслужува и не треба да го доживее ова и затоа решив јавно да ја споделам вистината“, гласи обраќањето на Поп Ацев.
Евгениј Поп Ацев требаше да се појави во две трки на ова ЕП, да плива за Македонија во две дисциплини – трките на 10 и 25 километри.