Ослабен без Филип Кузмановски и Мартин Велковски, тимот на Металург попладнево во Белорусија ќе го одигра и вториот меч од новата сезона во СЕХА лигата. „Металурзите“ беа поразени и на премиерниот дуел од новата сезона од градскиот ривал Вардар, а сега ги очекува уште еден исклучително тежок меч.
„Овој дуел против Мешков ќе биде уште еден во кој ќе бидеме фокусирани на подобрување на нашата игра. Сè уште не го играме нашиот најдобар ракомет, но чувствувам дека сме на добар пат, само треба да работиме напорно и сигурен сум дека резултатите ќе стигнат и порано од очекувањата“, смета новиот тренер на нашиот вицепрвак, Данило Брестовац.
Дуелот со Мешков Брест стартува денеска од 17.15 часот. Покрај овој меч денеска од 2. коло ќе се одиграат и дуелите Војводина – Т. Прешов и Извиѓач – Нексе.