Македонската фудбалска репрезентација по стартната победа на гостувањето кај Гибралтар сега ја чека домашен меч во Лигата на нации против главниот ривал за првото место, Ерменија. На денешната прес-конференцијата, селекторот Игор Ангеловски истакна дека овој дуел е од голема важност за нашиот национален тим во ова натпреварување.
„Како што кажав и пред ждрепката, победникот во оваа Лига Д во нашата група ќе се бара меѓу нас и Ерменија. Мислам дека доволно добро ги анализиравме и потполно спремни ќе влеземе во мечот. Очекувам да забележиме позитивен резултат кој ќе ни даде предност пред реваншот во Ереван“, изјави селекторот Ангеловски.
На мечот со Ерменија, нашите репрезентативци ќе имаат против себе двајца добропознати фудбалери – Тигран Барсегјан, кој настапува за Вардар, како и Хофханес Хамбарџумјан, кој претходно настапуваше за истата екипа.
„Не ги делам фудбалерите на поединци, туку гледам во целост на тимот. Барсегјан и Хамбарџумјан играа во Македонија, заедно со Фелипе се најдобрите странци што играле во нашата земја. Но, сега ќе бидеме на спротивни страни. Мене ми е важно како ќе функционира мојот тим. Ако функционираме како претходно, не гледам причина зошто да не го добиеме овој меч“, додаде селекторот на нашата репрезентација.
Натпреварот меѓу Македонија и Ерменија се игра на „Филип Втори“ Арената, од 18:00 часот. Билетите се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на „МКТикетс“ и чинат 100 и 150 денари.