Вечерва во Париз ќе биде крунисан новиот победник на најпрестижната индивидуална награда во фудбалот – „Златната топка” на „Франс фудбал“.
Едно нешто е речиси сигурно – победникот нема да се вика Кристијано Роналдо или Лионел Меси, кои доминираа во последните 10 години, и редовно ја добиваа оваа награда. Аргентинецот дури не се најде во топ 3, додека во Италија минатата недела открија дека Роналдо нема да патува за француската престолнина, бидејќи е информиран дека ќе биде втор.
Според најавата добитник на наградата е хрватскиот играч од Реал Мадрид, Лука Модриќ, кој веќе ја освои наградата ФИФА за „The best“. Во текот на сезоната, Модриќ настапи успешно за клубот и за репрезентацијата.
Со Реал Мадрид тој ја освои четвртата титула од Лигата на шампионите за последните пет години и трета по ред, а со „ватрените” стигна до финалето на Светското првенство во Русија. Токму Мундијалот 2018 стави крај на владеењето на Роналдо и Меси кои не се претставија убедливо на СП во Русија.
Можната победа на Модриќ ќе биде прва за Хрватска во изборот за „Златна топка”. Сегашниот прв човек на федерација, Давор Шукер, беше најблиску до трофејот, но остана втор во 1998 година.