Македонската ракометна репрезентација забележа победа и во вториот контролен натпревар против селекцијата на Србија. Благодарение на голот кој го постигна Филип Лазаров на десет секунди до крајот од натпреварот репрезентацијата на Македонија славеше со 28:27.
Во текот на целата средба Македонија беше во предност, а на крајот успеа да ја круниса добрата игра со уште една победа, па сега останува со тренинзи да се подготват пред патувањето на Светското првенство. Во првиот дел од средбата Македонија имаше константна предност која ја оджуваше и на одмор замина со водство од 16:13.
Селекторот Раул Гонзалез се одлучи да им даде шанса на сите репрезентативци да настапат на оваа средба, а во финишот имавме предност од 27:26, но Србија израмни во последната минута на 27:27. Сепак по тајм-аутот Македонија успеа да дојде до погодок преку Филип Лазаров на десет секунди пред крајот и да победи со 28:27.
Најефикасен во редовите на нашата селекција беше Пешевски со 7, додека Кире Лазаров постигна 5 гола. Никола Митревски имаше 12 одбрани на оваа средба.
Ова беше последниот тест за нашите ракометари пред заминувањето за Германија на 9.јануари каде треба да се подготват за првиот меч со Јапонија на 11 јануари.

