Ракометната репрезентација на Македонија вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ го игра натпреварот од четвртото коло од квалификациите за ЕП 2020 година.
По само неколку дена од победата во Рејкјавик, избраниците на селекторот Брестовац ќе го пречектаат истиот противини, селекцијата на Исланд. Само победа на оваа средба ќе биде потврда на добрата игра и победата на гостувањето кја Исланд, а воедно ќе значи и големи шанси за првото место во нашата група во овие квалификации.
Селекторот Данило Брестовац се одлучи да направи две измени за денешниот натпревар меѓу оние 16 ракометари кои ќе бидат во составот. Брестовац одлучи на местото на Борјан Маџовски и на Томислав Јагуриновски кои беа во тимот пред четири дена во Рејкјавик, денес во составот да се најдат Мартин Серафимов и Димитар Димитриоски.
Посакуваме нашите репрезентативци уште еднаш да одиграта натпревар како оној во Рејкјавик и да ја израдуваат спортската јавност во Македонија. Да потсетиме пред неколку дена Македонија го победи Исланд во Рејкјавик со 34:33 и му нанесе пораз на домашен терен на овој тим по цели 13 години.
Нашите репрезентативци ќе имаат максимална поддршка од навивачите затоа што салата на СЦ „Борис Трајковски“ е распродадена и нема вќе влезници за оваа средба која почнува од 20 часот, а ќе ја следите и низ нашата програма.