Вечерва на Националната арена „Тодор Проески“, Македонија Ѓ.П. и Академија Пандев ќе го одиграат 27. финале од Купот на Македонија.
Две екипи кои апсолутно заслужено се најдоа во завршниот меч во нашето најмасовно фудбалско натпреварување. Во Македонија ЃП се надеваат на своето искуство, додека кај „пандевци“ веруваат во младоста. Што ќе пресуди? Ќе видиме по мечот, по големото куп финале бр.27 во самостојна Македонија. Каде ќе се радува на пехарот, во Ѓорче Петров или во Струмица ?.
Македонија ЃП по третпат ќе игра еден ваков натпревар во својата историја. Во 2006. година успеа со 3:2 да слави над Шкендија, три години подоцна загуби од Работнички на пенали. На Академија Пандев во својата кратка клупска историја ова и прво финале.
Ова финале треба да донесе многу возбудувања, затоа што на една страна имаме неколку искусни играчи помогнати со бразилски интернационалци, а на друга страна неколку проверени имиња заедно со млади играчи кои се перспективата на Академија Пандев.
Тимот на Академија Пандев веќе има обезбедено маесто во Европа, додека за Македонија ЃП ова е единствената шанса да играат во Лигата на Европа следната сезона.
Натпреварот започнува во 18.30 часот и ќе можете да го следите низ нашата програма.