Македонската фудбалска репрезентација се најде на 73-та позиција на последното ФИФА рангирање објавено денес.
Двата порази против Полска и Австрија во квалификациите за Европското првенство не спуштија за 5 позиции надолу во однос на претходното рангирање од минатиот месец. По шест победи во серија на домашен терен, избраниците на селекторот Игор Ангеловски имаа два порази пред својата публика што донесе пад на ФИФА ранглистата. Од нашите противници во групата Полска е најдобро рангирана на 19-то место, додека Австрија се проби на 26-та позиција.

На врвот и понатаму е Белгија пред Франција, Бразил, Англија и Португалија која скокна за две места по победата во Лигата на нации и сега го држи петтото место. Во ТОП 10 уште се наоѓаат и селекциите на Хрватска, Шпанија, Уругвај, Швајцарија и Данска.
Интересно е тоа што Германија и Аргентина се на делба на 11-то место, додека зад нив се Колумбија, Италија и Холандија.
