Она што вчера беше најавено во медиумите во Словенија денес е потврдено. Веселин Вујовиќ, повеќе не е селектор на ракометната репрезентација на Словенија.
Ракометната федерација на Словенија соработуваше со црногорскиот тренер од 2015 година, но претседателот Фрањо Бобинац соопшти дека е време за ново име на клупата и за освежување во стручниот штаб.
„По четири години, ракометната репрезентација на Словенија ќе добие нов селектор. И покрај добрите резултати, сметаме дека е време за нова енергија. Затоа донесовме одлука да ја прекинеме соработката со досегашниот селектор Веселин Вујовиќ. Наскоро ќе назначиме ново име“, изјави Бобинац.
Како потсетување, под водство на Вујовиќ, Словенија ги оствари најголемите успеси, ја освои бронзата на СП 2017, шестото место на ЛОИ 2016, како и осмото место на ЕП 2018. Останува да видиме кој ќе биде новиот предводник на Словенија која ја очекува настап на ЕП во 2020 година.