Ракометарите на Шпанија ја одбранија европската круна откако во финалето во Стокхолм славеа против селекцијата на Хрватска со 22 спрема 20. „Фуријата“ со денешната победа стана само втората селекција што успеала да го задржи шампионскиот пехар на две врзани првенства. Претходно тоа го направија Швеѓаните (1998, 2000, 2002).
Хрватските ракометари и во третото финале не успеаја да го освојат единственото одличје што им недостасува во богатата ризница. Шпанија до триумфот ја предводеа Алекс Гомез Абело со пет голови и Хорхе Македа со три додека Гонзало Перез де Варгас имаше осум одбрани. Во Хрватска најефикасни беа Домагој Дувњак со пет и Игор Карачиќ со четири голови. Мечот во Шведска го водеа нашите судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Вчера во битка за бронзата Норвешка ја победи Словенија со 28:20. Наредното Европско првенство ќе се игра од 14-30 јануари во 2022 година во Словачка и Унгарија.

