Атлетико Мадрид на свој терен вечерва го пречекува актуелниот освојувач на Лигата на шампионите, Ливерпул. Англискиот тим ја игра една од најдобрите сезони во својата историја, а се поизгледно е дека ќе дојде до долго очекуваниот трофеј во Премиер лигата. Минатогодишниот освојувач на Лигата на шампионите и оваа година е меѓу фаворитите за европската круна.
Сепак, прва пречка на патот кон Истанбул, каде што го одиграа култното финале кога против Милан анулираа три гола негатива, па на пенали го освоија трофејот, е Атлетико Мадрид.
Атлетико тешко победува од почетокот на годинава, а главните причини се многубројните пропусти на напаѓачите и повредите на главните фигури во тимот. Добрата вест е дека Диего Коста и Алваро Мората веќе се подготвени за настап и ќе бидат на располагање на Симеоне. Мората најверојатно ќе го предводи нападот заедно со Анхел Кореа, при што во второто полувреме би требало да се појави Диего Коста.
Сепак, најскапото засилување на Атлетико , Жоао Феликс го пропушта натпреварот, а истото важи и за десниот бек Киерон Трипиер. Се очекува, Саул да се врати на левата страна во одбраната, поради неговото поголемо искуство од Ренан Лоди. Десно наместо Трипиер, ќе дејствува Сантијаго Ариас, а во центарот на одбраната ќе играат Стефан Савиќ и Фелипе. Четворицата во средниот ред на домаќините ќе бидат Коке, Томас Партеј, Маркос Јоренте и Витоло.
Во екипата на Ливерпул , неизвесни за настап се Џејмс Милнер и Џердан Шакири, но и двајцата не меѓу стартерите на Клоп. Германецот повторно ќе може да се потпре на ѕвезденото трио во нападот – Роберто Фирмино, Мохамед Салах и Садио Мане. Џордан Хендерсон и Жоржињо Вајналдум ќе стартуваат во средниот ред, меѓу Фабињо и Алекс Окслејд-Чемберлен. Одбраната повторно ќе ја предводи Вирџил ван Дајк, кој ќе биде во партнерство со Џо Гомез, со Трент Александар-Арнолд и Ендру Робертсон на двете бековски позиции.
Атлетико и Ливерпул имаат 4 меѓусебни натпревари во Евро куповите. Билансот е една победа на домашен терен за двата тима и две реми. Тие последен пат се сретнаа во полуфиналето на Лигата на Европа во 2010 година и Шпанците по вкупниот резултат 2:2 се пласираа понатаму поради гол повеќе постигнат на гостински терен.
Можни состави:
Атлетико М.(4-4-2): Облак, С. Ариас, Фелипе, Савиќ, Саул; Коке, Томас, М. Јоренте, Витоло; А.Мората, Кореа
Ливерпул (4-3-3): Алисон, Александар-Арнолд, Ван Дајк, Гомез, Робертсон, Окслејд-Чемберлен, Хендерсон, Вајналдум, Салах, Фирмино, Мане.
Натпреварот на „Ванда Метрополитано“ вечерва започнува во 21 часот, а ќе го суди Марчиниак од Полска.