Од страна на РК Голден Арт КЛ7 денес информираа дека поради позитивни на ковид-19 во нивната екипа, комплетниот тим ќе биде во изолација во наредните 15 дена.
Во целост информацијата од РК Голден Арт КЛ7:
„Ракометниот клуб Голден Арт КЛ7 ја информира целокупната спортска јавноста и надлежните институции дека по натпреварот од второто коло на македонската суперлига во ракомет, кој се одигра во Радовиш против истоимениот тим, кај дел играчите се појавија симптоми карактеристични за вирусот Ковид19 (покачена температура, губење на вкус и мирис), па поради тоа клубот како институција која е максимално одговорна спрема своите играчи и вработени веднаш изврши Ковид тестирање во Клиника Жан Митрев (преку брис од нос и грло) на комплетниот играчки кадар, стручниот штаб и комплетната логистика на клубот, по кое се откриени 16 Ковид19 позитивни резултати.
Според прописите за третман на лица кои се Ковид19 позитивни и лицата кои имале контакт со нив, комплетниот играчки кадар ќе биде ставен во изолација во следните 15 денови.
Би сакале да потсетиме дека пред стартот на подготвоките на тимот пред оваа натпреварувачка сезона, нашиот клуб беше еден од ретките клубови кои направи комплетно теститрање на играчкиот погон во првиот тим и младинските категории, како и на комплетниот стручен штаб и клубската логистика, при што навремено беа откриени два случаи позитивни на Ковид19 вирусот и истите беа изолирани и излечени.
За крај, апелираме до сите клубови и целокупната јавност да се почитуваат мерките за заштита од корона вирусот, со една единствена цел, спречување на понатамошно ширење на вирусот Ковид19“ се вели во информацијата од клубот.
Поради големиот број на заразени членови во редовите на Голдер Арт КЛ7, Ракометната федерација на Македонија реагираше експресно и донесе одлука да ја стави групата А на 15-дневно мирување, со цел да се спречат поголеми проблеми поврзани со ковид-19. Распоредот на другата група пак нема да претрпе промени и натпреварите ќе се одржуваат според првичниот план.